Македонското кошаркарско дерби во Втората АБА лига им припадна на кошаркарите на МЗТ Скопје кои со убедливи 80:64 славеа во „балонот“ во Осијек против битолски Пелистер.
Пелистерци одиграа катастрофална втора четвртина, која што ја загубија со 20 поени разлика и дозволија МЗТ да дојде до втора победа во регионалното натпреварување.
Во првата четвртина Пелистер одигра одлично и направи висока предност од 8 поени (18:26). Но, шампионот не дозволи паника во своите редови и со неверојатна втора четвртина направи пресврт откако ја доби со 33:12 и на полувреме замина со предност од дванаесет поени разлика.
Ниту по одморот Пелистер не можеше да ја пронајде вистинската петорка на паркетот и дозволи Милошевиќ и Крстевски да ги казнат сите грешки. Во последните десет минути се влезе со плус 12 за МЗТ Скопје, а ништо не се промени ниту на стартот од клучната четвртина па аеродромци лесно славеа со 16 поени разлика.
Милошевиќ со 29 поени и шест скока, Вер со 13 и Крстевски со 12 поени беа најпрецизни кај МЗТ, додека во Пелистер прв стрелец беше Кесар со 15 поени.
В петок во четвртото коло Пелистер игра со Војводина, а МЗТ Скопје Аеродром против Осијек.