МЗТ Скопје се враќа во првата АБА лига

Тоа што се пишуваше во текот на целото лето, станува реалност за торфејниот кошаркарски тим во Македонија, екипата на МЗТ Скопје. Имено, тимот од Аеродром е пред официјално враќање во елитната АБА-лига, откако од Словенија пристигна информација за банкрот на Копер Приморска, чија управа го откажа настапот во словенечкиот Суперкуп поради немање доволен број кошаркари на располагање и поради големите финансиски проблеми во кои се наоѓа клубот.

-Проморска официјално не извести дека имаат проблеми со составувањето на тимот и затоа нема да можат да учествуваат на Супер-купот, соопшти Кошаркарската Федерација на Словенија.

Иако се уште не е официјално потврдено, сепак најпријатното изненадување во првата половина од минатата сезона во регионалното натпреварување, се наоѓа пред распаѓање, поради што ќе го откаже настапот во прволигашката јадранска конкуренција. Како што пишуваат тамошните медиуми, пропаднале и последните обиди да се најде стабилен спонзор и тоа од Кина, поради што прашање е само на време кога ќе биде објавено дека клубот нема да може да игра во новата сезона.

Во истиот момент кога Копер Приморска го откаже настапот во АБА, тогаш МЗТ Скопје автоматски ќе биде промовиран како наследник, со оглед на веќе донесената одлука на Собранието на ова натпреварување. МЗТ Скопје како третопласиран во минатата прекината сезона ја има улогата на прва резерва, која многу веројатно ќе ја искористи во оваа ситуација и ќе се врати во елитата.