Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром, конечно успеа да добие натпревар во неизвесен финиш.
“Металците” во рамките на 12. коло во АБА лига на домашен терен во СЦ “Борис Трајковски ја совладаа Црвена Ѕвезда со 64:58 (по четвртини 26:21, 24:27, 16:19, 29:22). Клучот за победата на “металците” беше првата и последната четвртина од натпреварот.
Црвена Ѕвезда важеше за фаворит, но не успеаа да ја наметнат сопствената игра, соочувајќи се со големи проблеми да ја пробијат одличната одбрана на МЗТ. Но, како и на претходните натпревари дојде до огромен пад во играта на „металците“ во второто полувреме. Избраниците на Мартич, пет минути немаа постигнато поен, Гечевски стигна до три лични грешки, а гостите од Белград знаеја како да го искористат тоа и експресно се вратија во мечот.
Македонскиот шампион во последната четвртина влезе со предност од три поени и не дозволи гостите да се извлечат и да си заминат со целиот плен, што беше случај на претходните натпревари.
Кејд Дејвис со 19 поени беше најзабележителен за овој голем триумф на „металците“, Маринковиќ на своето деби за МЗТ реализираше 11 поени, надополнети со два скока и две украдени топки, додека Синовец и Гечевски натпреварот го завршија со по девет поени.