
Во Црна Гора заврши 12-от натпревар во лежење, којшто традиционално го организира Eтно село Монтенегро во Брезна. Титулата ја понесе Жарко Пејановиќ, познат како „Кнеле“ од Подгорица, кој лежеше приближно 60 часа.
– Не беше тешко. Верувајте, не се ни „загреав“… Но, не сакав да одам на соборување на рекордот. Тоа ќе го направам следната година, за кога е планиран натпреварот на кој ќе учествуваат сите досегашни победници, изјави тој за медиумите.
На натпреварот годинава учествуваа девет натпреварувачи, а последни останаа Пејановиќ и Вук Кољеншиќ од Даниловград.
Како што неофицијално беше соопштено, имало преговори и за поделба на титулата, но Пејановиќ бил решен да го освои првото место и наградата од 350 евра.
Рекордот го држи Дубравка Алексиќ, исто така – од Подгорица, која лани лежеше 117 часа.