Британската модна дизајнерка Вивиен Вествуд, основач на истоимениот моден бренд „Vivienne Westwood“ почина во четвртокот на 81-годишна возраст, соопшти модната куќа.
„Вивиен Вествуд почина мирно денеска (29-ти декември), опкружена со своето семејство во Клафам, Јужен Лондон. На светот му се потребни луѓе како Вивиен за да се промени кон подобро. “, објави компанијата на Twitter.
Вествуд го изгради својот авторитет и брендот во светот на модата со нејзините контроверзни панк и њу вејв стилови во 1970-тите и продолжи да облекува некои од најголемите имиња во модата.
Нејзиниот сопруг и креативен партнер Андреас Кронталер изјави: „Ќе продолжам со Вивиен во моето срце. Работевме до крај и таа ми даде многу работи за да се продолжам“.
Стилот на Вествуд дојде до израз на модната сцена во последните три децении од минатиот век, со своите андрогени дизајни, маици со слоган и непочитувањето кон естаблишментот. Беше позната како постојан активист и на модната писта изнесуваше темите кои ја загрижуваа, како климатските промени.
Во 2006 година беше одликувана со титулата леди за нејзиниот придонес во светот на модната индустрија.
Вествуд, родена во англиската грофоција Дербишир, работеше како учителка во основно училиште, пред да отвори продавница за облека „Let It Rock“ во лондонскиот кварт Челзи со нејзиниот тогашен партнер Малколм Мекларен во раните 1970-ти.
Бутикот подоцна беше преименуван во „Sex“ и кон крајот на 1975 година, Мекларен го оформи панк-рок бендот Sex Pistols, кои ги носеа дизајните на Вествуд и Мекларен.
Подоцнежните дизајни на Вествуд често ги носеа познати личности. Меѓу нив беа манекенката Дита фон Тиз која ја облече во нејзината виолетова тоалета на венлавката со пејачот Мерлин Менсон, како и принцезата Евгнија од Јоркшир која носеше три дизајни од Вествуд за свадбата на принцот Вилијам и Кетрин.