Медиумскиот магнат, Руперт Мардок, ќе се ожени по петти пат на 92-годишна возраст, а негова избраничка е Ен Лесли Смит (66), пишува „Њујорк пост“.Ен Лесли Смит е вдовица на американскиот кантри пејач Честер Смит, а Мардок вели дека е среќен поради веридбата.
Мардок минатата година се разведе од својата четврта сопруга, манекенката Џери Хол, по шест години брак.
Неговата медиумска империја, која ги вклучува „Волстрит журнал“, „Фокс њуз“ и други влијателни медиуми, според „Форбс“ вреди повеќе од 20 милијарди долари.
Мардок ја запознал својата нова свршеница минатата година на настан кој го организирал во неговото лозје во Калифорнија, а парот набрзо решил да ја помине „втората половина од животот заедно“.
Свадбата ќе се одржи летово, а парот планира да го поделат времето меѓу САД и Велика Британија.
Мардок, кој има шест деца, прво беше оженет со Патриша Букер, австралиска стјуардеса, од која се разведе кон крајот на 1960-тите.
Тој и неговата втора сопруга Ана, новинарка во весник, беа заедно повеќе од 30 години пред да се разведат во 1999 година.
Неговиот трет брак со Венди Денг заврши во 2013 година.