На аукција ќе се продаваат дресовите што Меси ги носеше на мундијалот во Катар

Комплетот од шест дресови кои ги носеше аргентинскиот капитен на Светското фудбалско првенство во Катар во 2022 година ќе бидат продадени на наддавање во декември, објави во понеделникот аукциската куќа Sotheby’s којашто нивната вредост ја проценува на повеќе од 10 милиони долари.

Дресот со сино-бели линии Меси го носеше на натпреварите во групата против Саудиска Арабија и Мексико, а потоа и во осминафиналето против Австралија, во четврфиналето со Холандија, во полуфиналето против Хрватска и во финалето со Франција.

Со седум постигнати погодоци сега 35-годишниот капитен на аргентинската репрезентација ја освои титулата светски првак, којашто единствена му недостигаше во неговата пребогата колекција трофеи.

Со оваа „непроценлива“ збирка којашто ќе се продава преку интернет од 30-ти ноември до 14-ти декември, а истовремено ќе биде изложена во седиштето на Sotheby’s во Њујорк, а аукциската куќа се надева на сума „поголема од 10 милиони долари“, со што би станала „највредната збирка спортски сувенири некогаш продадени на наддавање“.

За споредба, најскапиот дрес продаден на наддавање е оној што го носеше легендарниот американски кошаркар Мајкл Џордан во финалето за својата последна титула во НБА лигата со Чикаго Булс во 1998 година, кој во септември 2022 година беше продаден за 10,1 милиони долари.

„Дел од приходот од продажбата ќе биде дониран во проектот UNICAS, кој го води детската болница Сан Хоан де Деу (SJD) во Барселона со поддршка на Фондацијата Лео Меси, за да се одговори на потребите на децата заболени од ретки болести“, додаваат од Sotheby’s.