На јавноста ѝ е јасно зошто сум разрешена, вели Дамева за ДВ

Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, во изјава за „Дојче Веле“ (ДВ) вели дека е убедена оти на јавноста ѝ е познато зошто била разрешена од функцијата.

Таа излезе со истата порака како и кога беше разрешена дека во судовите нема место за корумпираните судии и затоа вели дека ќе остане да биде член на Судскиот совет додека не се обидат да ја отстранат и оттаму.

„Што се крие зад ’вистинските‘ причини за моето повторно разрешување, без присуство на јавноста, со грубо прекршување на сите правила и процедури, убедена сум дека тоа на јавноста и е веќе добро познато. Јас останувам доследна на изјавата која ја дадов на денот на мојот избор за претседател на Судскиот совет – дека за корумпираните судии нема место во судовите. Од оваа заложба не отстапувам и токму поради тоа останувам да бидам член на Судскиот совет, сè додека не се обидат да ме ’отстранат‘ и од таа позиција. За корумпираните судии компромис нема. Граѓаните заслужуваат да живеат во правна држава во која владее правото, а државата заслужува самостојно и независно судство“, вели Дамева за ДВ.

Таа првично беше разрешена со седум гласа „за“ на 26 април по иницијатива на нејзиниот заменик Селим Адеми. Постапка за разрешување на претседател не е предвидено ниту со Законот за Судски совет ниту со Деловникот за работа, а начинот на кој се случи нејзиното отстранување на функцијата предизвика низа реакции кај стручната јавноста.

Вчера, „излезот“ од ќорсокакот во кој се најде, Советот го пронајде преку одржување на две тајни седници – во 13:30 и во 14 часот. На првата изгласал да ја повлече првичната одлука за разрешување на Дамева. Потоа, на втората ѝ изгласал недоверба со девет гласа и ја разрешил. Одлуките за одржување нејавни седници од Судскиот совет преку соопштение ги оправдаа со одредба од законот која предвидува дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судијата. Но, на двете нејавни седници денеска воопшто не се расправало за судија или кандидат за судија.

Потоа, во 16:30 се одржа продолжение на седницата првично закажана за 27 април за избор на нов претседател. Со осум „за“ што е минималниот број потребни гласови, Сашко Георгиев, беше избран за нов претседател. Седницата за избор беше јавна, но се одржа надвор од работното време, а Судскиот совет за неа информираше непосредно пред почетокот.

На сите овие случување вчера повторно реагираше и Коалицијата „Сите за правично судење“ чии набљудувачи редовно ги следат седниците на Судскиот совет. Оттаму констатираа низа незаконски постапувања во Советот и испратија порака дека „неправото не може да стане право“.

„Не само што Советот продолжи да ги заснова своите одлуки на претходно незаконско
постапување (неправото не може да стане право), истиот направи дополнителни пропусти во имплементацијата на Законот и стандардите за добро управување кои мора да бидат доследно применувани, особено во случаите кога државата веќе ги започна пристапните преговори со ЕУ, каде Поглавјето 23 е клучен критериум, но и особено во случаите кога судството, а со тоа и Судскиот совет имаат исклучително лоша репутација во јавноста. Во спротивно, секоја идна одлука и постапка на Советот нема да ужива доверба ниту во јавноста, ниту кај судиите како конституенти на Советот“, порачаа од Коалицијата.