Најбогатите луѓе во светот станаа уште побогати

Најбогатите луѓе на планетата станаа уште побогати – вкупното богатство на 25-те најбогати луѓе на светот се зголеми за 255 милијарди долари за два месеци, пишува „Форбс“.

Иако 2020 година беше обележана со кризата предизвикана од коронавирусот, за основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, оваа година беше исклучително успешна поради зголемувањето на цените на акциите на компанијата. Неговото богатство се зголеми за 31 милијарди долари и во моментов е „тежок“ 86,5 милијарди долари. Како резултат, Закерберг го достигна четвртото место на списокот на најбогати луѓе во светот. Важно е да се потенцира дека во април 2020 година, основачот на „Фејсбук“ го држеше седмото место на тој список.

Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, кој во моментов е најбогат човек на планетата, заработи 29,9 милијарди долари во последните два месеци. Неговото богатство се проценува на 146,9 милијарди долари.

Ко-основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс заработи 11,9 милијарди долари, па неговото богатство се зголеми на 106,5 милијарди долари.

Во последните два месеци, Бернард Арно, извршен директор на француската група на компании „ЛВМХ“, Ворен Бафет, шеф на инвестицискиот фонд „Беркшир Хатавеј“, Лери Елисон, еден од основачите на „Оракл“ корпорацијата и Стив Балмер, поранешен шеф на „Мајкрософт“, го зголемија своето богатство, како и основачот на „Гугл“, Лери Пејџ и други.