
Проблемот што ова со М-НАВ не е едно случување туку се калеми на други случувања кои го прават живеењето во Македонија несигурно во сите аспекти. Она што за мене е проблематично е што се надоврзуваат ваквите случувања па ги забораваме претходните кога ќе се појави ваков случај што ќе ги поклопи претходните. Но, тоа значи правна несигурност, а луѓето не можат да очекуваат дека ќе бидат заштитени од блиски на функционери на власта. Најпроблематично за мене е минимизирањето на проблемот. Не излегоа надлежни да изразат голема загриженост туку се обидоа да го претстават како нешто нормално. Се обидоа да ги дефокусираат луѓето од тежината и повеќеслојноста на проблемот. Еден аспект е спречување на прекршувањето на законите во јавноста, вториот елемент е атакот на синдикатот, кој е моќна организација и треба да е партнер со власта. Третиот елемент што се случува е што не се изнесува на виделина опасноста што била предизвикана и во која биле доведени сите патници со овој инцидент и со партиските вработувања. Власт што не препознава проблем е власт што не знае да реши проблем, вели проф. Мирјана Најчевска во Студио 10 на ТВ 24.
– Овој упад е незамислив за една цивилизирана држава и според мене тој е споредлив со акт на тероризам, вели Најчевска за упадот во М-НАВ.
Според Најчевска, намерите на сторителите не се важни за оценување на тоа дали нешто е терористички акт туку важни се последиците – факт е дека биле загрозени и вработени и патници цивили.
– Ова е отворен партиски тероризам од ДУИ со политичка заштита од СДСМ, вели Најчевска.