Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ вечерва рече дека најдобрата вест што можела да дојде е дека киднапираното девојче Моника Каримановиќ е пронајдено жива, а сега останува уште една важна работа, да се најде осомничениот за нејзиното киднапирање, Нинослав Јовановиќ.
Не сакам да вршам притисок, но го вложуваме секој атом на сила да го најдеме и да го изведеме пред лицето на правдата, изјави Стефановиќ пред новинарите во Пасјан.
„Имавме одлична соработка, а покрај војската, полицијата, БИА и сите луѓе од државните структури, и добри луѓе нудеа возила и беспилотни летала, им благодарам на ловците и луѓето од другите здруженија“, рече Стефановиќ и истакна дека се јавувале и пензионирани полицајци што сакале да се вклучат во потрагата.
Стефановиќ рече дека девојчето е пренесено во Клиничкиот центар во Ниш и дека не може да зборува за нејзината психофизичка состојба, зашто тоа ќе го сторат лекарите, но дека сите се надеваат на најдобро, иако верува дека ќе ѝ треба помош за да ја надмине оваа огромна траума.
Зоран Радовановиќ, директор на Клиничкиот центар Ниш, денеска изјави дека 12-годишната Моника Каримановиќ била примена во установата во свесна и стабилна состојба и комуницира со своите родители и со докторите.
Пред новинарите изјави дека девојчето има полесни повреди на рацете и на нозете, но дека нема повреди што би го загрозиле нејзиниот живот.
Радовановиќ рече дека тим психолози ќе продолжат да работат со девојчето, кое денеска беше пронајдено во селото Сврљишки Миљковац по 10-дневна потрага.
„Таа останува со својата мајка на Детската интерна клиника“, рече Радовановиќ.