На Деве Баир се очекуваат патници од Сингапур и Јапонија, засилени мерки за странските патници

Група од двасетина патници од Сингапур и Јапонија се очекува да пристигнат во Македонија преку граничниот премин Деве Баир, информира министерот за здравство, Венко Филипче. За пристигнувањето на туристите кои доаѓаат од Романија, каде што има регистриран случај на коронавирус, Министерството било информирано од домашна туристичка агенција.

„Известен е локалниот Центар за јавно здравје, автобусот ќе биде пречекан, патниците ќе бидат детално интервјуирани и по потреба прегледани. Тие доаѓаат од Романија каде што има веќе регистриран случај и тоа е причина да бидеме повнимателни“, изјави министерот Филипче.

Од вчера сите странци кои пристигнуваат во државата, кога ќе се вклучат на некоја од нашите мобилни мрежи добиваат порака со податоците каде да се јават доколку почувствуваат симптоми на болеста. Истите податоци во форма на флаери им се делат на патниците на сите гранични премини.

Нема нови тестирани за коронавирус, пациентка кај која што беше потврден вирусот е во добра состојба. Филипче рече дека се чека контролен тест откако тестот вчера беше негативен.

„Нејзиниот контролен тест е негативен, но за тоа да се потврди треба да поминат од 24 до 48 часа и тоа ќе го направиме денес или утре. Доколку контролниот тест е негативен, не може да ја пренесе болеста“, изјави министерот Филипче.

Сопатниците од комбето и лицата со кои контактирала се уште се во изолација, а епидемиолозите прават визита во нивните домови секој втор ден. На 14 дена ќе се прегледаат и ќе се види дали треба тестирања на некои од нив или ќе продолжи надзорот.

Засега нема потреба потреба од откажување на поголемите собири и настани на политичките бидејќи нема локална трансмисија на коронавирусот во државата, смета министерот Филипче. Тој нагласи дека меѓународните настани и спортските натпревари каде што има луѓе од странство не треба да се оддржуваат пред публика. Ваквата забрана денеска на владина седница ќе биде препорачано да важи уште една недела, до 13 март, а потоа ќе се одлучува во зависност од ситуацијата. Ова значи дека се уште е неизвесно дали фудбалскиот меч меѓу Косово и Македонија што треба да се оддржи на 21 март ќе се игра пред публика или не.

„За тоа ќе се одлучува на Влада, на Комисија за заразни болести дискутиравме за тоа и сметаме дека треба да се однесува на групите кои доѓаат од странство. Внатре во државата нема локална трансмисија на болеста, се надевам дека така и ќе остане и тоа е причина зошто не даваме стриктна забрана , но ја следиме состојбата.  Лично сметам дека за меѓународни натпревари треба да бидеме внимателни и да се играат без публика, затоа што на такви натпревари има гости од странство. Тој спортски настан е на 21 март, а оваа забрана ќе препорачаме да трае уште една недела до 13 март, а потоа ќе видиме што понатаму“, рече министерот Филипче.

Тој апелираше за граѓаните да се придржуваат на мерките за заштита. Информира дека средствата за дезинфекција стигнале вчера и се дистрибуираат во училиштата.