Единаесет луѓе загинале а повеќе од 3.500 се повредени во текот на празнувањето по повод иранскиот традиционален фестивал на огнот во пресрет на Персиската нова година, објавија во средата тамошните медиуми.
Фестивалот на огнот, кој на фарси се нарекува Чахаршанбе Сури (Пурпурна среда), се слави секоја година во ноќта последниот вторник во иранската календарска година, којашто заврши на 20-ти март.
„Од 20-ти февруари 26 луѓе загинаа во инцидентите поврзани со фестивалот на огнот, вклучително и 11 на денот на настанот, заедно со повеќе од 3.550 повредени“, изјави шефот на итните служби Џафар Миадфар за иранската државна телевизија.
Во текот на фестивалот учесниците прескокнуваат оган за да се прочистат и да ги истераат злите дуси, додека пеат „Ти ја давам својата жолта боја“ (знак на болест) и „Ја земам твојата црвена боја“ (симбол на животот).
Фестивалот е дел од иранското предисламско културно наследство, а шиитското свештенство генерално не гледа на него со одобрување. Меѓутоа, тој е популарен меѓу младите, од кои многумина самите изработуваат огномет за настанот, што е пракса којашто понекогаш резултира со повреди, па дури и смртни исходи.