На Французин одбиена молбата за асистирано самоубиство, ќе гo пренесува умирањето на Facebook

Французин од Дижон, кој боледува од неизлечива болест ноќта кон саботата престана да зема лекови, храна и вода, откако францускиот претседател Емануел Макрон му ја одби молбата за потпомогнато самоубиство, а реши своето умирање директно да го пренесува на Facebook.

„Започнува патот на ослободувањето и, верувајте ми, среќен сум“, изјави 57-годишниот Ален Кок, на својата страница на Facebook малку по полноќ кон саботата.

„Го земав својот последен оброк, престанувам да земам течности и лекови. Знам дека ме очекуваат тешки денови, но донесов одлука и сум мирен“, додаде Кок.

Борецот за „достоинствена“ смрт Ален Кок, објасни дека сака да ја прекине „агонијата“ на која се осудени нему сличните болни според сегашниот француски закон.

„Ова не е самоубиство“, рече Кок и потсети дека е католик, како и дека според законот пациенот има право да го прекине лекувањето.

Претседателот Макрон ја одби претходно mолбата на Кок за потпомогнато самоубиство.

Законот „Клаис-Леонети“ од 2016 година дозволува длабока седација, но само за лица за кои лекарите предвидуваат смртен исход во кус рок. Меѓутоа, Кок кој за себе вели дека е во „терминална фаза веќе 34 години“ бидејќи боледува од исклучително ретка дегенеративна болест, не може да докаже дека брзо му се ближи крајот.

Поради тоа решил да каже „доста е“ бидејќи „малку-по-малку, сите органи ќе бидат погодени“. „Ако морам да умрам гледајќи во таванот како идиот и да ја чекам смртта, реков – не“, порача Кок.

За на Французите да им покажe „на каква агонија се осудени“ со споменатиот закон Леонети, Кок на Facebook директно ќе го пренесува своето умирање и предвидува дека тоа ќе трае „четири до пет дена“ од саботата наутро.

Случајот на Кок потсети на контроверзиите на случајот на Винсент Ламбер, болничар во вегетативна состојба кој почина во јули 2009 година, по длабока седација која ја бараа неговата сопруга и внук, а на што се спротиставуваа родителите на Ламбер.