За распаднатата германска инфраструктура може да бидат потребни околу 400 милијарди евра инвестиции во наредните години, предупреди во четвртокот економистот и советник на министерот за финансии Ларс Фелд.
Патната, железничката и енергетската инфраструктура бараат итни инвестиции, покажува новата студија на професор од Универзитетот во Фрајбург и советник на сојузниот министер за финансии Кристијан Линднер.
„Владините инвестиции долго време не успеваат да го одржат статус-квото“, заклучува Фелд.
Во периодот меѓу 2025 и 2028 година, само на патната инфраструктура ѝ се потребни повеќе од 57 милијарди инвестиции, а 63 милијарди се потребни за железничката мрежа, според студијата нарачана од менаџерот на фондот Union Investment.
Потребните инвестиции во енергетски капацитети на копно и на море, како дел од зелената транзиција, би можеле да достигнат сума од 270 милијарди евра, се наведува во извештајот.
Добивањето капитал би можело да биде отежнато поради стагнацијата на германската економија, а рацете на владата во Берлин се врзани поради строгите фискални регулативи, таканаречената „кочницата за задолжување“.
Во 2022 година, стапката на инвестиции во Германија, изразена како учество на јавните инвестиции во бруто домашниот производ (БДП), беше 2,6 проценти и е приближно еден процентен поен пониска од просекот на земјите-членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕCD).
Според Фелд, проблемот може да се реши, меѓу другото, со вклучување на приватни инвеститори во проекти како што е формирање на инфраструктурни фондови. Германската држава има удел во голем број инфраструктурни компании, кои би можеле да добијат дополнителни овластувања за задолжување, предложи советник на министерот за финансии.
Студијата беше објавена ден откако германскиот министер за економија Роберт Хабек предложи создавање инвестициски фонд за поддршка на економијата која се бори. Програмата предвидува враќање на 10 отсто од вредноста на инвестицијата на компаниите преку даночни одбитоци или директно плаќање од државната каса.