На Хрватот кој си ги фрли четирите деца од балкон му се заканува 50 години затвор или лудница

Задарскиот суд му одредил мерка притвор од 30 дена на таткото-монструм 54-годишниот Јосип Роџак од островот Паг, кој пред два дена од засега непознати причини ги фрли од првиот кат на семејната куќа своите четири деца на возраст од три, пет, седум и осум години.

Притворот му е одреден поради опасност дека ќе влијае врз сведците, но и поради опасност да го повтори делото, како и поради посебно тешките околности на злосторството, за кое му се заканува казна затвор од 50 години. Таткото се бранел со молчење.

„Во сите фази на постапката осомничениот се бранеше со молчење. Не знаеме кои се мотивите. Всушност, ништо не знаеме. За ова дело пропишана е казна затвор од 40 години, но бидејќи се повеќе дела, можна е казна од 50 години затвор. Не можам да шпекулирам за висината на казната, но можам да го претпоставам текот на истрагата. Прво психијатриско вештачење од кое зависи сè. Ако го прогласат за непресметлив, постојат неколку опции, по правило иде прво судење, па му се определува присилно сместување во психијатриска установа“, изјавил за новинарите истражниот судија Хрвоје Висковиќ, кој ја води истражната постапка, пренесува Index.hr.