На македонскиот пазар не е пласирана шунка од Словенија заразена со листерија

Агенцијата за храна и ветеринарство досега нема добиено нотификација преку Европскиот систем за известување за небезбедна храна и храна за животни  (RASSF),  дека на македонскиот пазар е пласиран небезбеден производ, сендвич- шунка од 500 грама со рок на употреба 31.05.2024 година, лот број 1413100, поради утврдено присуство на  бактеријата листерија моноцитогенес, која според пишувања во медиумите, се повлекува од пазарот во држави од регионот.

-Како одговорна институција за безбедноста на храната, АХВ ја следи состојбата и доколку се јави потреба, во најкус рок, во интерес на заштита на здравјето на граѓаните, навреме ќе бидат преземени потребните мерки за евентуално повлекување на производот од пазарот, информираат од АХВ.

Оваа изјава од АХВ доаѓа откако Државниот инспекторат на Србија објави дека се повлекува сендвич Z’ dežele шунката од 500 грама со рок на употреба 31.05.2024 година, поради утврдена бактерија Listeria monocytogenes. Станува збор за шунка од словенечкиот производител Celjske mesnine d.o.o., лот број 1413100, а веледрогеријата е METRO Cash & Carri d.o.o.

„Производот не е во согласност со Регулативата на Комисијата (ЕЗ) од 15 ноември 2005 година за микробиолошки критериуми за храна, а известувањето се однесува исклучиво на наведениот производ“, соопштија претходно од српскиот Државен инспекторат.