Најмалку 13 Палестинци беа убиени а други се 75 ранети во вторникот во израелски воздушен напад врз бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, изјави портпаролот на Министерството за здравство во енклавата контролирана од Хамас, а 20 беа убиени во Рафа на југ, каде што Израел целел врз наводен „финансиер на Хамас“.
Засега нема коментар од израелските власти.
Со површина од 1,4 квадратни километри, Џабалија е најголемиот од осумте бегалски кампови во Појасот Газа со околу 116.000 регистрирани луѓе. Многу од нив зависат од помошта што ја обезбедува специјалната Агенција на ОН за палестински бегалци (UNRWA) за храна, лекови и други потреби.
Во меѓувреме, Хамас објави дека во Рафа се убиени 20 луѓе, меѓу кои и палестинскиот новинар Адел Зуруб и неколку членови на неговото семејство. Според владината прес-служба под контрола на Хамас, бројот на убиените новинари се искачи на 97.
Силите за одбрана на Државата Израел IDF) објавија дека „финансиерот на Хамас“ Субхи Фервана е убиен во „целена операција“ во центарот на Рафа. Во својата изјава, израелската армија не ги споменува 20-те убиени во Рафа во израелски воздушен напад.
„Военото крило на Хамас зависи од средствата што им се доставуваат преку финансиери, а без нив оперативните активности на Хамас се намалуваат. Фервана му префрлаше средства на Хамас за време на војната и беше свесен дека овие средства се неопходни за продолжување на борбените активности на военото крило на Хамас“, се вели во соопштението на IDF.
Илјадници борци на Хамас стационирани во мрежата на тунели водат герилска војна против израелските војници.
„Израелските сили ги продолжуваат операциите против терористичката инфраструктура и оперативците на Хамас во Појасот Газа“, објави израелската војска.
Во копнената војна започната на 27-ми октомври, во која Израел загуби 132 војници, или вкупно речиси 450 со убиените припадници на одбранебите сили во нападот на Хамас во јужен Израел на 7-ми октомври, тенковите продолжуваат да напредуваат кон јужниот град Кан Јунис, но тие наидуваат на силен отпор, известува Reuters.
Израел е решен во Појасот Газа да го искорени Хамас, палестинското сунитско радикално исламистичко движење кое стои зад масакрот на околу 900 луѓе – деца, млади, жени, старци и странски работници во нападот на 7-ми октомври врз населбите и градови на југот на земјата и младински музички фестивал.
Израелската офанзива ја претвори крајбрежната енклава во урнатини, а досега, според Хамас, речиси 20.000 луѓе загинале во бомбардирањето, од кои три четвртини се деца, тинејџери и жени.
Меѓународната заедница врши притисок врз премиерот Бенјамин Нетанјаху да го намали интензитетот на војната за да избегне цивилни жртви. Нетанјаху одговара дека војната нема да запре додека не се ослободат 129-те преостанати заложници и не се уништи Хамас.