Најмалку 17 лица починале во саботата во Авганистан поради големите студови, соопштија властите во Кабул додека големи снежни и дождовни врнежи и натаму има во поедини делови од земјата.
Авганистанските власти додаваат дека бројот на жртвите би можел да биде и поголем.
„Не очекувавме толку студен бран. Добивме извештај дека обилните снежни врнежи однеле жртви, но во овој момент немаме прецизни бројки за точниот број“, изјави за Reuters Тамим Азими, портпарол на службата за управување со природни катастрофи.
Во некои делови од Авганистан температурите паднале на минус 12 Целзиусови степени, а досега бројот на жртвите во годинешниот суден бран се искачи на 24 лица.
Порад снежните наноси затворени се многу клучни патни правци уште од крајот на декември, вклучиелно и тунелот Саланг, кој го поврзува централен Авганистан со северот на земјата и автопатот Кабул – Кандахар. Во покраината Херат, на западот од земјата, поради снегот се урнале покриви на две куќи во саботата и притоа загинале осум луѓе.
Метеоролошката агенција соопшти дека следните седмици се очекува продолжување на судениот бран. Обединетите нации претходно проценија дека најмалку девет милион Авганистанци имаат потреба од помош, во прв ред во храна и сместување.