Најмалку 23 загинати во израелското бомбардирање на централна Газа, Хутистите се заканија со подморничко оружје

Најмалку 23 Палестинци се убиени во четвртокот во израелско бомбардирање врз преостанатите станбени објекти во централниот дел на Појасот Газа, соопшти Министерството за здравство во палестинската енклава.

Министерството, исто така, објави дека израелските сили во четвртокот извршиле рација во здравствениот комплекс „Насер“, најголемата функционална болница во Појасот Газа, набргу откако се повлекле од него.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека болницата во Кан Јунис, втората по големина во целиот Појас Газа и клучна за разорените здравствени услуги во областа, престана да работи минатата седмица по еднонеделната израелска опсада проследена со чести рации и тенковски гранатирања.

Во меѓувреме, израелската војска соопшти дека нејзиниот одбранбен систем „Arrow“ пресретнал балистичка ракета со долг дострел истрелана врз областа на Црвеното Море во четвртокот, откако сирените се активирале во јужниот град Еилат.

Војската соопшти дека целта била пресретната „надвор од границите на државата Израел“. Еилат, одморалиште на Црвеното Море, е цел на јеменските Хути, кои исто така ги попречуваат трговските патишта со нивните напади врз трговските бродови кои се поврзани со Израел, како поддршка на Палестинците кои страдаат во војната со Израел во Појасот Газа, барајќи да запре израелската офанзива и да се овозможи доставување помош за цивилите.

Хутисте ја презедоа одговорноста за нападот со балистичка ракета врз Еилат, како и за нападот врз британски трговски брод, како и нападот со беспилотно летало врз американски разурнувач во четвртокот.

Објавата на претставник на движењето Хути на социјалната мрежа Х дојде набргу откако водачот на групата рече дека оваа шиитска милиција поврзана со Иран ќе ги засили нападите врз бродовите во Црвеното Море и другите околни води, вклучително и со ново „подморско оружје“.

„Операциите во Црвеното и Арапското Море, теснецот Баб ал-Мандаб и Аденскиот залив продолжуваат, ефективно ескалираат“, рече Абдул Малик ал-Хути во телевизискиот говор. Тој не соопшти поединости за наводното подморничко оружје.