Најмалку 27 лица исчезнаа при потонувањето на два брода во близина на Тунис

Најмалку 27 лица се исчезнати или се претпоставува дека се мртви откако два брода со мигранти потонаа во близина на источниот брег на Тунис.

Првиот брод во петокот тргнал од Тунис за Италија со 37 луѓе. Дваесет од нив се сметаат за исчезнати, додека 17 се спасени, изјави портпаролот на судот во градот Сфакс. Во саботата четири тела беа извлечени од морето по потонувањето на друг брод, пишува BBC.

Од вториот брод се спасени 36 лица, додека тројца се водат како исчезнати, изјави портпаролот. Портпаролот Фаузи Масмуди рече дека бродовите биле направени од железни плочи.

Од почетокот на март, најмалку седум слични бродови се пријавени кај Тунис, со околу 100 загинати или исчезнати.

Некои делови од тунискиот брег се оддалечени само околу 150 километри од Лампедуза, италијанскиot остров кој често се користи како премин кон копното. Поради својата близина до Италија, Тунис ја престигна Либија како главна појдовна точка за луѓето кои бегаат од конфликтот и страшната сиромаштија на Блискиот Исток и Африка во потрага по подобар живот во Европа.

Според туниската крајбрежна стража, во првите три месецa од оваа година, повеќе од 14.000 мигранти, повеќето од субсахарска Африка, биле запрени во обидот да стигнат до Европа од Тунис. Бројката е пет пати поголема од истиот период монатата 2022 година.

Портпаролот на туниската Национална гарда, Хусем Џебабли, изјави дека очекувањата за 2023 година „многу се зголемија бидејќи многу повеќе луѓе си заминуваат“. Додаде дека мигрантите често плаќаат огромни суми пари за криумчарите да ги превезат со небезбедни пловни објекти.

Масмуди рече дека најважно и пресудно е самите шверцери да бидат приведени, а потоа најави истрага за двете бродски несреќи. Целта беше да се пронајдат „организаторите на обидите за преминување кои ги принудија да се качат на бродови од железен лим, кои воопшто не нудат минимални безбедносни услови, но се поевтини за производство од дрвените“, рече тој.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави во петокот дека Европа ризикува уште еден голем бран мигранти да пристигне на нејзините брегови од Северна Африка, доколку не се заштити финансиската стабилност во Тунис. Мелони го повика Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF) и другите земји брзо да му помогнат на Тунис да го избегне колапсот.

Тунискиот министер за надворешни работи Набил Амар минатата седмица изјави дека на земјата ѝ се потребни средства и опрема за подобра заштита на своите граници. Тунис доби опрема од Италија во последниве години, но Амар рече дека таа е застарена и недоволна.