Најмалку 28 загинати во пожар на патнички траект на Филипини

Најмалку 28 лица загинаа, вклучително и шестмесечно бебе, откако избувна пожар на патнички траект на југот на Филипините, соопшти во четвртокот крајбрежната стража.

Властите допрва треба да ја утврдат причината за пожарот, кој избувна во средата околу 23 часот по локално време кај островот Басилан, додека многу патници спиеле во климатизирани кабини на долната палуба на траектот.

„Прво најдовме 10 од нив, тие починале од задушување. Потоа откривме уште 18 на бродот, во кабината. Тие беа целосно изгорени“, изјавил за Reuters командорот Режард Марфе, шеф на крајбрежната стража во јужниот регион Минданао.

Се проширија контрадикторни информации за бројот на патници на траектот кој не бил преоптоварен. Крајбрежната стража соопшти дека се спасени 230 луѓе, вклучувајќи 35 членови на екипажот.

Марфе потврди дека дека повеќето од патниите и членовите на екипажот спиеле кога избувнал пожарот, додавајќи дека „бил хаос“.

Пожарникарите го ставиќе пожарот под контрола во раните утрински часови во четвртокот. Фотографиите споделени од крајбрежната стража покажуваат дека „MV Lady Mary Joy 3“ е целосно зафатен од пламенот.

„Мислев дека сонувам, но кога ги отворив очите беше темно и бевме опкружени со чад“, изјавилa 46-годишната Мина Нани за DZRH. Рекла дека преживеала затоа што скокнала од бродот и се држела за бова со друг патник пред да бидат спасени.

Филипинскиот архипелаг со повеќе од 7.600 острови има лоша поморска безбедност, со бродови често преоптоварени и многу застарени бродови сè уште во служба. Во мај, најмалку седум лица загинаа во пожар на брз филипински траект со 134 луѓе. Околу 5.000 луѓе загинаа во 1987 година во најголемата мирновременска поморска катастрофа, кога преоптоварен патнички ферибот „Dona Paz“ се судри со танкер со нафта кај островот Миндоро, јужно од главниот град Манила.