Најмалку 32.000 работници во БиХ добиле откази поради пандемијата

Најмалку 32 илјади луѓе добиле откази во Босна и Херцеговина, откако во земјата избувна епидемијата на коронавирусот, а работодавачите најавуваат дека слична судбина ги чека и уште десетици илјади кои сѐ уште имаат работни места, пренесуваат во понеделникот локалните медиуми.

Според збирните податоци на Агенцијата за статистика на БиХ, во Федерацијата БиХ од средината на март до 20-ти јули отуштени се повеќе од 23.000 работници, додека во ентитетот Република Српска без работа останале малку повеќе од 9.000 луѓе.

Но се смета дека овие податоци се показател на само мал дел од проблемот, бидејќи голем број од работодавачите во БиХ голем дел од своите вработени ниту ги пријавуваат, ниту им плаќаа придонеси, а се претпоставува дека токму меѓу оваа група е најголем број на луѓето кои останале без работа.

Услужните дејности, како и секторите уметности и забава, се најмногу погодени од епидемијата, но негативни ефекти има во речиси сите други стопански гранки и општествени дејности. Порталот buka.ba наведува дека само од Здружението на работодавали во трговијата и туризмот во Република Српска најавиле дека ќе мора да отпуштат најмалку 15.000 свои работници, доколку не добијат помош од државата.

Речиси 90 отсто од превозничките услуги во домашниот и меѓународниот сообраќај со месеци се блокирани, а нема најави за нормализација на состојбата во овој сектор. Дрвната, машинската, металската, текстилната и преработувачката индустрија, пак, работат со 30 до 50 отсто од капацитетите.

Светската банка прогнозираше дека потрошувачката во БиХ ќе падне поради епидмијата за 3,5 до 6,7 отсто, а дека меѓу 35.000 и 85.000 луѓе во земјата ќе станат сиромашни. Од нив 60 отсто нема да бидат опфатени со никава програма за помош, бидејќи станува збор за непријавени работници кои остануваат без работа или дел од примањата, па не ги исполнуваат условите за некаков надомест или помош. Пред пандемијата сиромаштијата меѓу работнциите во секторите кои се најмногу погодени од кризата изнесуваше 9 отсто, а сега би можела да се зголеми на 11 до 15 отсто, според процените на Светската банка.