Најмалку педесет луѓе се убиени во вторникот во централната област на Мјанмар во воздушен напад на војската додека се одржувал настан во организација на противниците на воената хунта, известуваат медиумите.
Повикувајќи се на изјави на жителите во областа Сагаинга, BBC, Radio Free Asia (RFA) и порталот Irrawaddy известија дека меѓу 50 и 100 луѓе, вклучително и цивили, загинале во нападот. Агенцијата Reuters истакнува дека не можеле да го потврди тврдењето, а портпаролот на мјанмарската војска не одговорил на барањето за коментар.
Припадник на Народните одбранбени сили, вооружената групација којашто се спротистави на хунтата, изјавил за Reuters дека борбените авиони отвориле оган на отворање на нивна локална канцеларија.
„Засега точниот број жртви сѐ уште не е непознат. Сѐ уште не можеме да ги извлечеме телата“, изјавил припадник на Народните одбранбените сили, барајќи да остане анонимен.
Мјанмарската војска во 2021 година ја собори владата под обвинение за финансиски махинации и изборна измама, а поради жестоките пресметки со политичките противници и граѓанските протести со многу жртви, беше осудена на меѓународната сцена.
Инцидентот во вторникот можеби е и најсмртоносниот во низата воздушни удари врз бунтовниците, меѓу кои е и еден напад на концерт ланскиот октомври кога во регионот Качин загинаа најмалку 50 цивили.
Мјанмарската влада во егзил, која се нарекува Влада на националното единство, го осуди нападот од вторникот нарекувајќи го „уште еден пример на неселективна употреба на екстремна сила против цивилите“.
Во март, најмалку осум цивили, меѓу кои и деца, убиени беа во воздушен напад врз село во северозападен Мјанмар, објавија групите за човекови права, бунтовниците од етничките малцинства и медиумите финансирани од странство. Најмалку седум луѓе загинале и во јануари, кога војската бомбардирала село во истиот регион, а воен хеликоптер убил деца кај училиште во Сагаинг ланскиот септември, според бунтовнички извори.
Војната власт ги отфрла обвинувањата од поголемиот дел од меѓународната заедница, и вели дека се бори со терористи кои сакаат да ја дестабилизираат земјата.
Западните земји воведоа санкции за воената власт за да ѝ ги намалат приходите иако земјата и претходно беше на работ на набавка на клучните продукти, и да ѝ ги намалат набавката на воена опрема од клучните земји како што се Русија, Индија и Кина.
Според Обединетите нации, најмалку 1,2 милиони луѓе се раселени поради борбите по државниот удар.