Најмалку 66 луѓе загинаа во несреќата во Етиопија

Најмалку 66 лица загинаа во Етиопија кога камион полн со патници падна во река, соопштија синоќа властите во јужниот регион Сидам.

Се додава дека четири лица се повредени и пренесени во болница.

Несреќата се случила во областа Бона, се вели во соопштението на регионалната канцеларија за комуникации.

– Оние кои преживеаја сега се лекуваат во Општата болница Бона -изјавија оттаму.

Областа се наоѓа на околу 300 километри јужно од главниот град Адис Абеба.

Не се соопштуваат точните причини за несреќата, ниту пак детали околу неа.

Државната телевизија ЕБЦ објави дека патниците патувале на свадба кога се случила несреќата.