„Макрон, не сакаме војна!“, „Без војна, без квоти, без социјални кредити!“, скандирале учесниците на протестна поворка кој во саботата минала низ централните улици на француската престолнина, вклучително и крај прославениот париски музеј Лувр, пренесуваат тамошните медиуми.
Организаторот на поворката, челникот на партијата Патриоти, Флоријан Филипо објави на Twitter фотографии од протестот, на кои се прикажани неколку стотици лица со национални знамиња и голем транспарент на кој пишува „Отпор“.
Ниту организаторите, ниту париската полиција засега не објавија процени за бројот на учесниците на протестот.
„Многумина дојдоа на демонстрациите за оставка на Макрон, Фрегзит (според аналогија на брегзитот излегување на Франција од Европската унија – з.р.), излегување од НАТО, за откажување од квотите (за трошење на енергијата) и против санкциите“, пишува уште Филипо во својата објава.
Во друга објава на својот профил Филипо, кој до 2017 година беше потпретседател на крајно десната партија Национален фронт на Марин Лепен, го изразува своето уверување дека „Западот под водство на Соединетите држави, сакаат да покренат светска војна“ и истакнува дека активностите што ги презема НАТО можат непосредно да влијаат врз Франција.
Дебатата за француското членство во НАТО речиси редовно се актуелизира во периодот на кампањите за претседателски избори.
Франција, инаку, во 1960-те години при крајот на мандатот на претседателот Шарл де Гол, НАТО го гледаше како инструмент на американските геополитички интереси и како ограничување на француската независност. Затоа француските воени сили во 1966 година ги напуштија командните структури. Последица на тоа беше седиштето на НАТО, кое дотогаш беше во Париз, да се премести во белгискиот Брисел. Дури во мандатот на претседателот Николас Саркози, Франција во 2009 година повторно се врати во воените структури. До приближување дојде уште во 1990-те години во текот на војните во поранешна Југославија.
Но Франција не е единствен таков случај, и Грција од 1974 до 1981 година и Шпанија од 1986 до 1999 година, не беа дел од командната структура, но сепак останаа членки на НАТО.
На почетокот од септември агенцијата Elabe објави резултати од истражување на јавното мислење во Франција, според кое повеќе од половината испитаници се за намалување или целосно укинување на санкциите воведени против Русија поради војната во Украина. Така, 40 отсто од населението се за, 27 отсто се против, уште 32 отсто од анкетираните сметаат дека е неопходно ограничување на санкциите за да се намали нивното влијание врз секојдневниот живот.
Притоа 74 отсто од повеќе од 1.000 испитаници изразиле уверување дека санкциите нема да помогнат во решавањето на украинскиот конфликт.