Денес, од 16 часот, на штандот на издавачката куќа „Полица“ на Саемот на книгата, читателите ќе можат да се сретнат со Иван Антоновски, авторот на „Идентитетот е приказна“ – најбараната книга на „Полица“ во текот на 2022 година. Оваа книга е прва што се однесува на есеистиката на Горан Стефановски, а на Саемот е достапно нејзиното второ издание кое читателите ќе можат да го имаат со посвета од авторот – најдобриот млад научник од областа на хуманистичките науки, кој минатата година го понесе признанието „Успешни млади“.
Книгата, во која покрај студијата на Антоновски е објавен и последниот есеј на Горан Стефановски – „Искрата што се измолкнува“, веќе доживеа одгласи од македонската книжевна наука и предизвика интерес и надвор од Македонија. За првпат се појави во книжарниците во октомври минатата година, а само месец и половина по објавувањето на првото се случи нејзино второ издание.
„Идентитетот е приказна“, издавачката куќа „Полица“ ја објави во соработка со Здружението за промоција и сочувување на културното наследство на Горан Стефановски. Нејзиниот автор, Иван Антоновски е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ и зад себе веќе има неколку публикации. Деновиве започна и објавувањето на неговиот фељтон „Потрага по корените на Горан Стефановски: ’Домот е таму каде што боли’“.