На Саркози ќе му се суди за финансирање на кампања со пари на Гадафи

На поранешниот француски претседател Николас Саркози ќе му се суди во аферата којашто се однесува на наводно нелегално финансирање на неговата политичка кампања со пари од Либија, објави во петокот француското обвинителство.

Истражните судии наложиле поведување судски процес за поранешниот претседател и за уште 12 осомничени коешто би требало да започне во јануари 2025 година.

Саркози е обвинет за незаконско финансирање на кампањата, злоупотреба на јавни средства и подмитување. Таканаречената „Афера Либија“ се однесува на обвинувања дека парите за изборната кампања во 2007 година незаконски стасале од сметките на подоцна ликвидираниот либиски водач Моамер ел-Гадафи.

Сведок во 2016 година рекол дека кон крајот на 2006 или на почетокот од 2007 година донел неколку куфери со вкупно пет милиони евра во парискиот оддел на министерството за внатршни работи кое тогаш го водеше Саркози.

Конзервативниот политичар, кој беше француски претседател во периодот од 2007 до 2012 година, од почетокот на аферата ги негира обвинувањата.

Саркози со години води правна битка со француското правосудство поради разни обвинувања. Апелацискиот суд му потврди во мај годинава три години затвор поради подмитување и недозволено влијание, од кои две години условно. Саркози најави дека ќе се жали на таа пресуда.

Жалбената постапка којашто се однесува на претерани трошоци за неговата, на крајот, неуспешна кампања за вториот претседателски мандат на изборите во 2012 година, би требало да започне во ноември годинава. Саркози со првостепена пресуда во овој случај е осуден на една година затвор.