Договорот за прекин на огнот меѓу Ерменија и Азербејџан стапи на сила напладне по локално време, договорен по 10-часовните преговори во Москва, но двете страни меѓусебно се обвинуваат за кршење.
„Азербејџанските сили нападнаа во 12.05 часот по стапувањето на сила на примирјето напладне по локално време (10 часот по средноевропско време), соопшти ерменското Министерство за одбрана.
Контра-обвинение изнесе и азербејџанската страна.
„Непријателот бомбардира населени места“, соопшти азербејџанското Министерство за одбрана 30 минути попладне.
Во градот Степанакерт, главниот град на Нагорно Карабах, одекнаа сирени пред пладне, а жителите првпат излегоа на вратите на своите куќи по деновите поминати во засолништа обидувајќи се да се заштитат од бомбардирањето, јави дописникот на Франс Прес.
Ерменија и Азербејџан се договорија за прекин на огнот поради хуманитарни цели, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рано утрово по 10-часовните разговори со колегите од двете земји.
Средбата на министрите за надворешни работи на двете земји беше првиот директен контакт меѓу Ерменија и Азербејџан по избувнувањето на новиот конфликт кон крајот на септември.
Енклавата Нагорно-Карабах од времето на Советскиот Сојуз, населена со претежно христијански Ерменци и малцински шиитски Азербејџанци, му припадна на Азербејџан по распадот на Советскиот Сојуз, предизвикувајќи војна во која загинале околу 30.000 луѓе меѓу 1990 и 1994 година. Таа војна беше замрзната со договорот за прекин на огнот во 1994 година, но честите конфликти продолжија, а Вашингтон, Париз и Москва, како копретседавачи на Минската група на ОБСЕ, скоро три децении посредуваат по прашањето за Нагорно Карабах.
Последниот судир што изби на 27 септември предизвика 400 жртви и е најтешкото кршење на договорот од 1994 година.
Европската унија предупреди дека новиот конфликт околу Нагорно Карабах може да прерасне во регионална војна во која ќе бидат вклучени Турција и Русија.
Турција е близок сојузник на Азербејџан, а Русија потпиша договор за одбрана со Ерменија.
Нагорно Карабах има вкупно население од околу 140.000 жители, од кои 99 проценти се Ерменци, а повеќето Азербејџанци побегнаа по војната во 90-тите.