Најстарата ученичка во основното образование во светот, Кенијката Присила Ситиени, која на 94-годишна возраст реши да се образува, што беше поздравено од УНЕСКО почина на возраст од 99 години, соопштија локалните медиуми.
Нејзиниот внук, Сами Чепсирор, изјавил во четвртокот за дневниот весник The Standard, дека Гого (Баба) Присила, што ѝ бил прекар, починала во средата во својот дом откако кај неа се развила торакална компликација.
„Гого имаше добро здравје и одеше в училиште се до три дена пред смртта, кога доби болки во градите, поради што мораше да го прекине учењето. Бевме многу горди на неа“, рекол внукот.
Присила Ситиени имаше 94 години кога успеала да го убеди директорот на училиштето во нејзиното село во Големата раседна долина да ја прими во училиштето, што УНЕСКО го пофали како „пример за нејзината заедница и пошироко“.
Во интервју за УНЕСКО минатата година, Ситиени рече дека сакала да ги мотивира младите мајки во својата татковина да се вратат на училиште откако ќе родат деца наместо да се откажат од образованието.
„Сакав да им дадам пример не само на Кенијките, туку и на другите девојки во целиот свет кои не се образовани. Без образование нема разлика меѓу вас и пилињата“, рече тогаш Присила.
Нејзината приказна беше инспирација за францускиот документарен филм „Гого“, благодарејќи на кој минатата година ја посети Франција и се сретна со првата дама Брижит Макрон. Веројатно тоа беше и првпат во животот да ја напушти Кенија, но сигурно првпат летала со авион.