
Светската здравствена организација (СЗО – WHO) предупреди во вторникот дека во светот, кој во моментот е зафатен од пандемијата на новиот тип коронавирус, недостигаат речиси шест милиони медицински сестри.
Споменатата агенција на Обединетите нации во извештајот изработен заедно со здруженијата „Nursing Now“ и „International Council of Nurses“ (ICN) ја истакнува клучната улога на медицинските сестри кои го сочинуваат половината од медицинскиот персонал во светот.
„Медицинските сестри се ‘рбетот на секој здравствен ситем“, изјави претседателот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, потсетувајќи дека тие и сега се на првата линија на фронтот во борбата против Covid-19.
Според извештајот на СЗО, во светот моментално има малку под 28 милиони медицински сестри, а за пет години нивниот број до 2018 година се зголемил за 4,7 милиони. „Меѓутоа, тоа сѐ уште е 5,9 милиони помалку од потребниот број“, се наведува во извештајот.
Најмногу сестри недостигаат во сиромашните земји во Африка, во југоисточна Азија, на Блискиот исток и во делови од Јужна Америка.
Челникот на ICN истакнува дека недостигот од доволен број медицински сестри придонесува за пораст на стапката на заразата, за медицинските грешки и порастот на стапката на смртност. Предупредува, исто така, дека овој проблем резултира со исцрпеноста не медицинските сестри кои работат.
Претседателката на здружението „Nursing Now“, Мери Воткинс, повикува на сеопфатно тестирање на здравствените работници во светот во актуелната ситуација со коронавирусот. Тврди дека голем дел од здравствениот персонал не оди на работа, бидејќи стравува дека ќе биде заразен, а тоа не можат да го докажат.
Во Италија, на пример, од Covid-19 починале 23 медицински сестри, 9 отсто од медицинскиот персонал е заразен, додека во Шпанија со коронавирусот се заразени најмалку 14 отсто од здравствените работници.
Во извештајот, исто така, се наведува дека богатите земји не обучуваат доволен број медицински сестри и не можат да ги задоволат своите потреби, па ги увозуваат од посиромашните земји. Тоа, како што е наведено, само ја засилува здравствената криза во сиромажните држави.
Се истакнува и дека 80 отсто од медицинските сестри се грижат за 50 отсто од населението во светот.