На Владата ѝ недостига макроекономско менаџирање на кризата

Владата води некаква си фискална и социјална политика, но недостига вкупното макроекономско менаџирање на економската криза која најстана како последица на пандемијата со новиот корона вирус, смета универзитетскиот професор и поранешен министер на финансии, Никола Поповски.

Владата доцни со преземање многу мерки и креирање економски политики, се надева дека пандемијата нема да биде предолга, но мислам дека со тоа многу и ризикува, додаде Поповски.

„Потребни се контроли на поголем број индикатори коишто ќе се случуваат во економијата. Навистина ѝ недостига повисокото ниво на макроекономско управување со економијата со сиве овие аспекти коишто можат да ѝ зададат силен удар, затоа што тие удари можат да бидат многу големи“, рече Поповски во дебатната емисија „Економски магазин“ на Алсат телевизија.

Истакна дека покрај тоа што Владата треба да се грижи и да ја помогне сегашната економија, таа мора да размислува во правец на поставување на целокупната економска политика во насока на нејзино обновување после кризата.

„ На пример, јас не мислам дека ние ќе минеме со иста невработеност како и досега. Сите западни земји каде што пазарните механизми подобро функционираат од нашите, веќе предвидуваат дека невработеноста ќе се врати некаде на 8, 10, 11 отсто. Америка веќе загуби 15 милиони работни места до денес, тоа е стравичен удар. Ќе изгубиме и ние, што значи дека можно е да ни се врати невработеноста над 20 отсто, а обновата на економијата во периодот по Covid-19 да биде многу бавен. Затоа што изгубените работни места тешко дека ќе се компензираат. Владата мора да размислува на тоа. Овие сектори што затвараат многу тешко ќе можат брзо да го обноват своето производство. Ако ударот со заболените е поголем, некои сектори коишто сега не се на удар може да дојдат на удар. Владата мора да мисли на сите работи одеднаш. За жалм состојбата е таква, економската политика не е едноставна работа, но Владата мора да води сметка за сите аспект“, образложи професорот Поповски.

На ова се надоврза и новинарот Теменугов кој истакна дека тие постојано бараат ставови од Владата за тоа како планира да ја обнови економијата откако ќе помине кризата, но до ден денеска од Владата не добиле одговор