На њујоршки Волстрит, индексот S&P 500 скокна на ново рекордно високо ниво во вторникот, благодарение на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор, додека новите податоци покажаа дека инфлацијата во САД благо зајакна.
Индексот Dow Jones зајакна 0,61 отсто, на 39.005 поени, додека S&P 500 скокна за 1,12 отсто, на 5.175 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,54 отсто, на 16.265 поени.
Ѕвезда на денот вчера беа акциите на „Oracle“, кои скокнаа за речиси 12 отсто до рекордни високи, откако технолошкиот гигант објави подобри од очекуваните квартални резултати. По два дена пад, вчера силно пораснаа и цените на акциите на производителите на чипови, а најмногу на „Nvidia“ за повеќе од 7 отсто.
Оттаму, инвеститорите не беа обесхрабрени ниту од малото зголемување на инфлацијата во САД. Вчера беше објавено дека во февруари потрошувачките цени се зголемени за 0,4 отсто на месечно и 3,2 отсто на годишно ниво.
И покрај стагнацијата, па дури и благото зголемување на инфлацијата во последните два месеца, на пазарот сѐ уште стои ставот дека американската централна банка би можела да започне со намалување на каматните стапки во јуни.
„На пазарот преовладуваше ставот дека не е толку важно кога ФЕД ќе почне да ги намалува каматните стапки, туку колку ќе ги намали. А дали тоа ќе биде во мај, како што се надеваа инвеститорите, или во септември, не е толку важно. Поважно, каматните стапки наскоро ќе бидат намалени“, вели Оливер Пурше, потпретседател во „Wealthspire Advisors“.
Тој, исто така, посочува дека американскта економија постојано расте и дека, според сите проценки, ќе ја избегне рецесијата.
„Преферирам економијата да биде силна, иако со покачени каматни стапки, отколку да биде слаба и да има потреба од поттикнување“, вели Пурше.