Национална акција за чистење на околината од отпад денеска организираат Министерството за животна средина и просторно планирање и Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“.
Целта на проектот „Македонија без отпад 2015“ е граѓаните и сите засегнати страни организирано да се вклучат во чистењето на околината.
Централниот настан во Скопје, како што е најавено, ќе се одржи кај Европската очна болница во општината Ѓорче Петров, а ќе се чисти и трим патеката во должина од 2 километри.
Проектот се спроведува со поддршка од државните институции, локалната самоуправа, јавните и комуналните претпријатија, невладините организации, здруженија на граѓани и месното население.
Повеќе информации за акцијата може да се најдат на веб-страницата www. ajdemacedonia.mk или на општинската веб-страница, а граѓаните доколку забележат неовластено складирање на отпад може да се јават на бесплатниот телефонски број на Центарот за управување со кризи.