Национална пливачка федерација: Маленко лажно се претставува, нема легитимитет да се појавува во јавноста и да говори од името на пливачите и пливачките работници

Националната пливачка федерација на Северна Македонија (НПФСМ) испрати демант до јавноста во кој се нагласува дека лицето Александар Маленко лажно се претставил како претседател на Пливачката федерација на Македонија, при што нагласуваат дека ова не му било прв пат.

Повод за демантот е поканата што ја доставил Маленко до сите федерации, МОК и медиумите на заедничка работна средба на 9 ноември во хотел Панорамика во Скопје, која НПФСМ ја нарекува наводна, за „Соочување со моменталната ситуација во олимписките спортови во Македонија и можни санкции од меѓународни спортски институции“.

Од НПФСМ истакнуваат дека наводната Пливачка федерација на Македонија не е регистрирана во Централен регистар со претседател Александар Маленко, ниту пак има решение за дејноста спорт.

„Александар Маленко нема никаков легимитет да се појавува во јавноста и да говори во името на плвачите и пливачките работници“, велат од НПФСМ.

„Согласно Законот за спорт, во секој спорт е дозволено регистрирање на една федерација. Во спортот пливање една и едниствена федерација во РС Македонија која е регистрирана во Централен регистар на РСМ и која има решение за вршење на дејност спорт издадено од Агенција за млади и спорт е Националната пливачка федерација на Северна Македонија, седиште Градски парк бб, сала КК Работнички Скопје, ЕМБС5134846 и ЕДБ4030996160921. Наводната Пливачка федерација на Македонија на која како претседател се преставува лицето Александар Маленко ниту е регистрирана во Централен регистар на РСМ ниту пак има решение за вршење на дејност спорт. Александар Маленко нема никаков легитимитет да се појавува во јавноста и да говори од името на пливачите и пливачките работници“, истакнуваат од НФП.

Оттаму ја потсетија јавноста за ситуацијата во која Маленко ja оставил Пливачката федерација додека бил нејзин регуларен и признат Претседател:

  • 09.06.2021 одлука 03-51/21 за суспензија на нашиот најдобар пливач во тоа време, Деркоски Филип поради наводно непојавување на допинг тест (ова е отфрлено од страна на Националната Антидопинг агенција која потврди дека Деркоски Филип никогаш не бил повикан на допинг тест)
  • Несиплакање на награден фонд во износ од 15.000 американски долари на пливачите учесници на Светскиот куп во далечинско пливање во Охрид 2019 година
  • Неисплакање на награден фонд во износ од 20.000 американски долари на пливачите учесници на Светскиот куп во далечинско пливање во Охрид 2021 година
  • Неисплакање на котизации за одржување на споменатите маратони вкупно 10.000 евра
  • Неисплатени трошоци за делегатите на Европскиот куп во далечинско пливање во Охрид 2021 година
  • Драстично нарушување на угледот на федерацијата во меґународни рамки, особено во Европската федерација (LEN / European Aquatics) и во Светската федерација (FINA / World Aquatics), особено после скандалот предизвикан на Европското првенство во Рим, Италија 2022.
  • Неисплатени трошоци од организирање на наведените маратони кон угостителски обекти, хотели и слично после што Националната пливачка федерација е задолжена за дополнителни 50.000 евра.
  • Неисплатени трошоци кон биохемиски лаборатории за Ковид тестови и слично.

„Ова е само мал дел од проблемите кои ги наследи новото раководство и за кои е избегната суспензија од страна на Светската пливачка федерација и од Европската пливачка федерација. Поради тоа најостро ги демантираме сите наводни покани за работни средби кои произлегуваат од страна на Александар Маленко каде што истиот лажно се претставува како Претседател и за истите ќе биде покренато соодветно обвинение до надлежните институции“, додаваат од Националната пливачка федерација.

Пред неколку дена Маленко објави дека го добил управниот спор против Пливачката федерација.