Националниот фронт на Франција подготвен за сојуз со грчката Златна Зора

Лидерката на француската екстремно десна партија, Национален фронт, Марин Ле Пен денеска најави дека ќе разговара со претставници на неколку европски партии, меѓу кои и со грчката неонацистичка Златна Зора за формирање парламентарна група после изборите за Европскиот Парламент, на кои антиевропските струи остварија значаен успех, пренесоа медиумите.

За француската телевизија Бе – Еф- Ен таа соопшти дека утре ќе отпатува во Брисел за да разговара со претставниците на унгарската екстремно десна партија Јобик, бугарската Атака и грчката Златна Зора.

„Постојат серија движења кои, според мое мислење, се заинтересирани да учествуваат во големата политичка сила, која има за цел да спречи развој на федерална Европа“, додаде Ле Пен.

Сепак, аналитичарите сметаат дека екстремно десничарските партии најверојатно нема да можат да формираат заеднички блок, бидејќи освен ксенофобија и нетрпеливост кон ЕУ немаат ништо друго заедничко.