Конечно, во нашата држава се формира едно тело кое според моите анализи е неопходност и насушна потреба! Но, уште на самиот почеток и во самиот наслов на ова тело има толку многу прашалници, кои пак се зголемуваат кога ќе се прочитаат надлежностите и составот. Едноставно, на македонскиот научник може да му се наежи кожата или да му поминат морници при детално читање на Одлуката за формирање на ова тело. Зошто? Еве неколку факти кои го оправдуваат стравот од ефектот кој се очекува и кој како што е јавно соопштено се очекува да се материјализира за една година, но може и повеќе:
Прво, национален интерес е да се спроведат реформи во сите сегменти на образовниот процес. Целината е секогаш гаранција за успех! Високото образование е еден сегмент и навистина има што да се истражува во тој академски простор. Но, за другите сегменти од образовниот процес – основното и средното, не ми е познато дали е формирано вакво тело (доколку не е формирано, паметно би било да се формира во ист момент и да тргнат работите од истата почетна точка, за да се обезбеди комплементарност и целосно опфаќање на системот!).
Националното координативно тело ќе се фокусира кон реформи во четири сегменти: високото образование, науката и истражувањето и развојот. Преамбициозни цели и мисија. Затоа се добива впечаток дека се работи за тело кое е пандан на Министерството за образование и наука, кое со огромна леснотија пренесува свои надлежности на тело кое има мандат од три години. Високото образование е во нераскинлива врска со науката, истражувањето и развојот. Тоа не е спорно. Од тие причини, реформата во високото образование подразбира и реформа во науката, истражувањето и развојот. Како да се сака да се покаже во јавноста дека еве сега стапот е кај нас, во ова тело и ние ќе командуваме и парчосуваме се што сакаме. Многу неубави информации стигнаа до мене од првиот состанок и посебно од Вашата заменичка во координативното тело (сега си имате неколку заменички, за различни потреби!!!). Дел од членовите добиле впечаток дека нејзе одамна и фали тоа што не е во високото образование и сега ќе се реализира. Затоа подобро би било ова тело да има назив: НАЦИОНАЛНО КООРДИНАТИВНО ТЕЛО ЗА РЕФОРМА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА! Со таков назив полесно ќе се разбере што сака оваа листа од 12 Гранде звезди и нивни заменици. Денес, полесно ми е веќе кога знам дека постојат 12 Министри за образование и наука и 12 заменици министри за образование и наука! Честито нека е за новите функции. Која ќе биде улогата на Националниот совет за високото образование не ми е јасно??? Дотолку повеќе што претседателката на ова тело е член на Националното координативно тело. Одлична министерска салата, само што има многу нелогичности.
Второ, надлежностите кои се наведени во Одлуката се спорни според нивното таксативно набројување и можат да значат вовед во судска заштита затоа што не може со одлука да се пренесат надлежности од други тела во областа на високото образование. Тоа може да биде пропишано единствено со закон. Затоа, внимателно со точка 2 став 2! Може да ги пречекорите вашите овластувања со тоа што надвор од Законот за високото образование (ЗВО) им пренесувате надлежности на членови на Координативно тело, а за кои се надлежни други органи (Одбор за надворешна евалуација на високото образование). Затоа, почитувана Министерке, бидете внимателни со оваа точка, не го повредувајте член 50, 51, 52 и 53 од Законот за високото образование. Со вашиот потпис, надлежности на едно тело сте ги пренеле на друго иако во законот е забранета аналогијата (тоа може полесно да го објасни проф. д-р Гордана Лажетиќ која е дел од тимот).
Почитувана министерке, не се доведувајте во ситуација да бидете над законот, чувајте го вашиот интегритет, одговорност за кои секогаш доаѓа време да се понесе и да се соочите со законот. Што пропишува ЗВО, член 53 став 2: „Одборот за евалуација го следи и оценува квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручната работа на академскиот кадар на високообразовните установи, а посебно на нивните студиски програми најмалку на пет години и врз основа на тоа му предлага на Одборот за акредитација да ја продолжи или одземе акредитацијата“. Многу убаво сте го дефинирале став 2 од точка 2 во вашата одлука. Таман сте се поставиле над Законот за високото образование и сега ќе ве чекаат да ги направите и конкретните чекори и активности. После тоа следи и одговорноста. Има уште многу пукнатини во вашата одлука, но имате и советници кои треба правилно да ве насочуваат.
За другите надлежности не би сакал да коментирам и тие се дел од поширока желба на некои нереализирани професори кои, после напуштање на државните универзитети се сместија во приватни универзитети (Славјанскиот меѓународен универзитет Свети Николе-Битола, ФОН, Американ колеџ…) и од таму ја завршија својата академска кариера, кариера на „успешни” кадри. Од авион се гледа што е целта.
Трето, составот на Националното координативно тело, посебно заслужува анализа. Вие претседател, Солза Грчева, заменик (а претходно назначена за Национален координатор на високото образование, што е спротивно на Законот за спречување на корупција член 44, кој не дозволува концентрација на неколку функции во едно лице. Ова се однесува и поголем број други членови и заменици кои со тоа покажале тотално непознавање на Законот за високото образование, а се стреми да го реформираат???).
Сите ректори, проректори, декани и продекани кои се членови или заменици на ова тело се поставени спротивно на:
- Член 97 став16 од Законот за високото образование: Вршењето на должноста ректор и проректор е неспоиво во вршењето на друга јавна функција или функција во политичка партија;
- Член 114 став 3 од Законот за високото образование: Вршењето на должноста декан и продекан е неспоиво во вршењето на друга јавна функција или функција во политичка партија.
Министерке, толку ли од Законот за високото образование? Посебно ги прашувам членовите и замениците толку ли од Законот за високото образование? Инаку, оваа состојба треба да ја контролира Државниот просветен инспекторат и затоа ќе следи претставка за вонреден инспекциски надзор.
Но, суштината е уште позастрашувачка:
Почитувана министерке, пред неколку дена јавно објавивте дека констатирани се незаконитости во работата на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид. Како е можно ректорот, Иван Бимбиловски на тој универзитет да биде член на ова тело? Дали ќе предлага практики преку ова тело до другите универзитети како да работат незаконски (УИНТ-Охрид, има пет факултети и само 16 редовно вработени наставен кадар за сите факултети. Со што согласно член 61 од ЗВО не ги исполнува условите да биде Универзитет)??? Овој ректор, во претходниот кабинет на Мила Царовска бил најблизок советодавен соработник и имал советодавна улога, како и со претходниот министер Јетон Шаќири и има премногу привилегии, а сега е член?! Аирлија! И, не повеќе ни помалку за заменик член е поставен вонредниот професор Атанас Христов од истиот универзитет. Како сте дозволиле од една институција и член и негов заменик да назначите? На овој охридски универзитет „Свети Апостол Павле“ врие од незаконитости и образовен криминал? За да ве контролираат или за нешто друго? Не сум видел до сега ваква одлука? Зарем нема други универзитети? Срамно!
Почитувана министерке, како е можно проф. д-р Јусуф Зендели од тетовскиот универзитет, кој е член во Одборот за евалуација, каде, исто така, има бројни незаконитости за кои и вие имате зборувано, да биде член на комисија??? Дали со тоа ќе се обезбеди непристрасност? Истото се однесува и за неговиот заменик проф. д-р Салајдин Салихи, проректор. Повторно и член и заменик од ист универзитет и вие и јавноста е запознаена за бројни незаконитости. Тука е и Садуди Ибраими потпретседател во Одборот за акредитација Срамно!
Почитувана, што да кажам за Ректорот на Универзитетот Мајка Тереза во Скопје, каде има толку незаконитости и неговиот заменик проректор проф. д-р Бујамин Бела од истиот универзитет??? Повторно и член и заменик од ист универзитет за јавноста е запознаена за бројни незаконитости. Срамно!
Зошто, зошто зошто?
Дали со овој кадар ќе се справувате со проблемите во високото образование? Како ќе донесувате одлуки за универзитети чии ректори, проректори, декани и професори сте ги ставиле во координативното тело? Дали тоа значи дека тие ќе ги имаат предвреме информациите, имајќи предвид дека вашата заменичка на состанокот малку повеќе била жолчна во обраќањето. Се прашувам дали за ова е известена Владата и нашиот почитуван Премиер?
Не може како до сега. Мора да се почитува законот и законитоста. Мора да се спречи образовниот криминал. Стоп!
На потег е Владата на Република Македонија.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес