Над 1.600 штипјани се вакцинирале против сезонски грип

Над 1.600 граѓани во штипскиот Центар за јавно здравје се вакцинирале против сезонски грип.

Епидемиологот од Центарот за јавно здравје, Светлана Живкова информира дека бесплатната вакцина важи за ризични грипи, за кои во Штип се обезбедени 2.800 вакцини и уште 100 комерцијални вакцини. Посочува дека на дневно ниво се вакцинираат од 120 до 160 граѓани.

-Имунизацијата против сезонскиот грип се одвива секојдневно во Центарот за јавно здравје при Здравствениот дом во Штип. Интересот на граѓаните е задоволителен, вакцината е наменета за возрасни лица над 65 години, за лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од шест месеци до пет години. Досега се имунизирани околу 1650 лица, а интересот е најголем кај повозрасната популација односно кај лицата над 65 години и лицата со хронично заболување, вели Живкова.

Вакцинацијата против сезонскиот грип започна на 25 октомври, а уште на самиот почеток интерес имаше од страна на граѓаните.