Над 200.000 авганистански бегалци протерани од Пакистан

Повеќе од 200.000 авганистански бегалци досега се протерани од Пакистан како дел од напорите за справување со илегалните имигранти, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Пакистан.

„Повеќе од 200.000 авганистански бегалци досега се вратени во нивната татковина“, рече министерот за внатрешни работи сенаторот Сарфраз Бугти.

Бугти рече дека процесот на репатријација се одвива без проблеми на сите премини во провинциите што граничат со Авганистан.

Во изминатите неколку недели, повеќе од 160.000 бегалци ја минаа границата од северозападната провинција Хајбер Пахтунхва, а повеќе од 50.000 ја напуштија земјата од југозападната провинција Балуџистан.

Според владините податоци, во Пакистан живеат приближно 4,4 милиони авганистански бегалци, од кои 1,7 милиони немаат валидни документи.

Минатиот месец Пакистан објави масовни депортации на авганистански бегалци без документи или илегални бегалци кои живеат во земјата, што наиде на критики од западните влади и глобалните групи за човекови права.