Вкупно 359 283 лица ќе бидат директни бенефитори од проектот на Министерството за здравство „Рурален доктор“ кој успешно се спроведува.
Само во јануари и февруари, кога се спроведуваше како пилот-проект, прегледани се 9.000 граѓани.
„Веќе се отворени и функционираат 309 пунктови во кои ќе работата доктор и сестра во точно определен ден и час во текот на неделата, како и 538 населени места кои ќе бидат посетувани од граѓаните преку патронажа составена од доктор и сестра. Оваа распределба е направена затоа што има дел од селата во кои има поголем број жители и во нив е потребно да има доктор во определен ден од неделата еднаш или два пати, но има и села со помал број жители (50 до 60) кои ќе бидат посетувани од патронажен тим. Во скопскиот регион ќе се посетуваат 61 населено место и за два месеци колку што траеше пилот проект се прегледани 1.384 жители, а тука спаѓаат села кои се оддалечени од Скопје (10, 20, па и повеќе километри), чии жители досега немале пристап до здравствена заштита или имале, но сега немаат“, истакна ресорниот министер Никола Тодоров.
Toj додде дека во процедура е вработување на 30 доктори и 22 медицинска сестра кои ќе се приклучат на постојните тимови кои веќе работат на овој проект. -По завршување на изборите, ќе почнат нови постапки за вработување за да дојдеме до 71 тим, кои ќе бидат целосно насочени кон овој проект, а ќе бидат помагани од другите тимови кои веќе работат во здравствените домови.
Како што нагласи министерот, во селото Љубанци кое брои 766 жители до пред неколку години имаше лекар, потоа еден период немаше, а сега во рамки на проектот „Рурален доктор“ повторно функционира здравствена ординација со лекар кој ќе го посетува тоа населено место еднаш неделно.
„ Во селата Горно Свиларе, Грчец, Брест и Глуво отворени се здравствени пунктови кои ќе бидат посетени од медицински тим еднаш неделно, за разлика од порано кога на овие граѓани не им било овозможена здравствена заштита во сопственото место на живеење. Во скопскиот регион селата Раштак, Јурумлери, Трубарево, Горно и Долно Коњари и Бањани медицински тимови ќе ги посетуваат еднаш неделно во отворените здравствени пуктови“, истакна Тодоров и додаде дека при посетите медицинските тимови на граѓаните им пружаат основни здравствени услуги, како што се мерење на притисок, холестерол, гликемија и аплицирање на ампуларна терапија.
Потенцира дека во битолскиот регион во селата кои имаат околу 200-300 жители, како што се Средно Егри, Поешево, Карамани и Црно Буки, како и во штипскиот регион во селата Три Чешми со 287 жители и Драгоево со околу 869 жители, отворените здравствени пунктови во рамки на проектот се посетуваат еднаш неделно.
„Во рамки на посетите, констатирани се и случаи на повозрасни лица од руралните подрачја кои дотогаш немале остварено лекарски преглед, ниту пак им била пружена било каква здравствена услуга. Констатирани се повеќе примери во кои реализираните прегледи покажале висок крвен притисок кој дотогаш не бил регулиран,или пак повисоко ниво на гликемија“, што дотогаш не било контролирано, рече Тодоров.
Појасни дека во рамки на извршените прегледи во скопскиот регион, во село Горњани констатирани се 11 случаи на покачен крвен притисок, во селото Кучково од 13 извршени прегледи се констатирани четири случаи на покачен крвен притисок и три случаи на покачено ниво на шеќер во крвта, а во село Палиград од седум прегледи утврдени се седум случаи на покачен крвен притисок.
„Во село Селце, штипско прегледана е жена кај која е констатиран многу висок притисок над 200, за кој таа дотогаш не знаела дека го има, и кај која веднаш е аплицирана терапија фуросемид и е пратена на дополнителни испитувања. Во селото Карамани, битолско кај 67-годишен маж е утврдена астма, која дотогаш не била откриена, за која веднаш е дадена соодветна терапија и совет за натамошни испитувања и третман. Во селото Косоврасти, дебарско, постоечката ординација во која досега немало лекар, повторно е заживеана во рамки на проектот“, нагласи Тодоров.
Тој рече дека во реонот на Неготино, каде проектот се реализира во 13 населени места со 4.000 жители, во селото Тремник со 667 жители, каде досега воопшто немало обезбедена здравствена заштита, сега еднаш неделно се обезбедува посета за овие жители во рамки на отворениот пункт. Во тоа место досега биле прегледани 76 жители.