Повеќе од 40 илјади мигранти пристигнале во Велика Британија од почетокот на годинава, кои со чамци и мали бротчиња го минуваат Каналот (Ла Манш), објави во неделата телевизијата Sky News повикувајќи се на податоци од британското министерство за одбрана.
Претходно весникот The Guardian објави дека во септември бројот на илегалните мигранти кои преку Ла Манш пристигнале во Велика Британија од почетокот на годината ја надминал бројката на оние коишто на ист начин дошле на Островот во целата 2021 година.
„Само во саботата 22 чамци пренеле 972 лица, со што вкупниот број мигранти кои преминале досега во текот на 2022 година достигна 40.885 лица“, го цитира телевизијата документот на британското министерство за одбрана.
Според овие податоци во текот на годинешниот август забележан е најголем број илегални преминувања на месечно ниво од 2019 година.
Илегалните мигранти последните години на секакви начини се обидуваат да го преминат Ла Манш и да се префрлат во Велика Британија, каде што ги привлекува тамошната социјална програма, можноста за добивање статус на бегалец и финансиска помош. Мигрантите не ги обесхрабри ниту одлуката на владата во Лондон, да ги префрлува во Руанда оние кои чекаат на решавање на нивното барање за азил.
Кон крајот на минатата 2021 година проблемот со нелегалните мигранти предизвика крајно влошување на односите меѓу Велика Британија и Франција, кога бротче со 27 мигранти потона во близина на францускиот брег кај Па-де-Кале, за што меѓусебно се обвинуваат Лондон и Париз.