Над 60 загинати во Јапонија, дождовите не престануваат

Бројот на загинати по поројните дождови во Јапонија во неделата се искачи на 64, откако реките се излеале од коритата и принудија неколку милиони луѓе да ги напуштат своите домови, пренесуваат медиумите во пресрет на најмалку уште еден дождлив ден.

Обилни дождови го погодија западниот дел на Јапонија со три пати повеќе вода од вообичаеното во јули, предизвикаа и лизгање на земјиштето.

Никогаш не доживеавме таков дожд. Ова е исклучително опасна ситуација, изјави претставникот на Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА).

Јапонската влада формираше центар за справување со катастрофи при канцеларијата на премиерот, а околу 54.000 спасувачи од редовите на армијата, полицијата и пожарникарите биле испратени на терен во југозападниот и западниот дел на Јапонија.

 

Се уште има многу кои се исчезнати и на оние на кои им треба помош, се бориме со времето, изјави јапонскиот премиер Шинзо Абе.

Предупредувањата за поројни дождови уште се во сила во три префектури, а се очекува дека до понеделник наутро во делови на островот Шикоку да наврнат 300 милиметри вода.
Наредбата за евакуација останува валидна за околу 2 милиони луѓе.

Во повеќе од една четвртина од јапонските префектури беа издадени предупредувања за свлечишта.