Над 600 лица преку Кипар го напуштиле Блискиот Исток

Преку специјалниот национален план „ЕСТИА“ за вонредни состојби или кризи активиран минатата седмица од кипарското МНР, поради ситуацијата на Блискиот Исток во Република Кипар пристигнале 625 лица, од кои само десет се Кипрани, а останатите се државјани на европски и други земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за надворешни работи на Кипар соопштија дека податоците се однесуваат на периодот од минатиот вторник до вчера, а престојот на луѓето во земјата бил краток и мнозинството од нив веќе си заминале.

Минатиот вторник, министерот за надворешни работи на Кипар Константинос Комбос свика состанок на министерската група за управување со кризи и беше донесена одлука за активирање на специјалниот национален план „ЕСТИА“ за прием и репатријација на странски државјани од област во криза, преку територијата на Република Кипар.

-Со активирањето на специјалниот национален план „ЕСТИА“, има постојано присуство на претставници од сите служби во Координативниот центар во Ларнака, на аеродромот во Пафос и на пристаништата на Република Кипар, како и континуирана координација со локалните дипломатски мисии на Република Кипар во регионот, соопштија од кипарското МНР.