Над 7.000 медицински сестри штрајкуваат во Њујорк

Илјадници медицински сестри во две реномирани њујоршки болници стапија во понеделникот во штрајк, откако се закочија преговорите по прашањата за платите и бројот на персоналот, што предизвика одложувања на оперативни зафати и термини.

Во штрајкот се вклучија повеќе од седум илјади медицинските сестри во Медицинскиот центар „Montefiore“ во Бронкс и болницата „Mount Sinai“ на Менхетен, се наведува во соопштението на Здружението на медицинските сестри на американската сојузна држава Њујорк.

Пандемијата на Covid-19 заедно со бројните случаи на респираторен синцициски вирус и годинешната сезона на грипот го оптоварија здравствениот сектор во најнаселениот град во САД, создавајќи тензии меѓу медицинските сестри и нивните работодавачи.

„Доста е Синаи. Она што го бараме е сигурен персонал и квалитетна грижа за пациентите. Сметаме дека не бараме премногу“, изјави во понеделникот претседателката на Здружението на медицинските сестри на државата Њујорк, Ненси Хаган пред болницата „Mount Sinai“.

Двете споменати болници во засебни писмени изјави објавија дека на медицинските сестри им понудиле зголемување на платите од 19,1 отсто.

Медицинскиот центар „Montefiore“, покрај тоа, наведе дека има намера да отвори повеќе од 170 нови работни места за медицински сестри. Оваа болница додаде и дека штрајкот ја натерал да ги одложи сите операции и други медицински зафати кои не се неопходни и да ги одложи термините во амбулантите.
Од „Mount Sinai“, пак, објавија дека повеќето нивни амбулантни термини и процедури се одвиваат според распоредот.

Од почетокот на преговорите за новите договори пред четири месеци, синдикатот успеа да постигне договори или нови спогодби за медицинските сестри во други големи болници во Њујорк.

Њујоршкиот градоначалник, Ерик Адамс, изјави во неделата дека тој и неговата администрација внимателно ја следат ситуацијата и дека градскиот здравствен систем ќе одговори на сите предизвици кои може да се појават поради прекинот на работата.