Над 700 починати во Иран по користење метанол за лекување од коронавирусот

Повеќе од 700 луѓе починале во Иран од труење со метанол, за што погрешно мислеле дека лекува од Covid-19, соопшти во вторникот иранското министерство за здравство.

Советникот во министерството, Хосеин Хасаниан, изјави дека бројот починати од труење со метанол е поголем, бидејќи дел од жртвите починале во своите домови, а не во болница.

„Околу 200 луѓе починаа надвор од болниците’, посочи Хасаниан.

Овие луѓе, врз основа на информации од интернет, консумирале метил алкохол, верувајќи дека тоа ќе им помогне против коронавирусот.

Иранските власти од срединта на февраури го интензивираа производството на метил алкохол за дезинфекција на површините поради силната епидемија на новиот сој коронавирус која ја погоди земјата. Притоа метанолот го има во слободна продажба во аптеките во земјата, а според иранските прописи е обоен во портокалова боја за да може да се разликува од течносите кои може да се пијат.

Според иранското министерство за здравство, во периодот од 20-ти февруари до 7-ми април починале 728 луѓе од труење со метил алкохол, додека нивниот број минатата година изнесувал 66 лица.