Над 90 жртви во потонувањето на брод близу Мозамбик

Повеќе од 90 луѓе загинаа откако во неделата се преврте брод кај северниот брег на Мозамбик, соопштија властите.

Лицата на бродот бегале од колера и патувале од Лунга кон островот Мозамбик, во близина на брегот на Нампула, јавија локалните медиуми, пренесува DPA.

Рибарскиот брод можел да прими најмногу 100 луѓе, изјави претставник на управата на островот за STV. Сепак, на бродот имало околу 130 луѓе.

Новинската агенција AIM, повикувајќи се на претставник на поморските власти, објави дека бродот најверојатно се распаднал кога го погодиле високи бранови.

Според податоците на организацијата за детска помош на УНИЦЕФ, Мозамбик моментално е погоден од најголемата епидемија на колера во последните 25 години. Од почетокот на епидемијата во септември 2022 година, пријавени се повеќе од 37.000 случаи.