„Имено, во 2021 година ‘Македонија пат’ има склучено договор за косење на трева и дрва на патен појас со времетраење од две години. Тој договор потврдува дека важноста на договорот сѐ уште не е истечена и рокот на исполнување е валиден до јули 2023-та. Што значи дека додека ‘Македонија пат’ има активен договор за реализирање на таа работа, ЈПДП склучува нов договор со друга фирма вреден два милиона евра“, истакна Митева.
Оцени дека станува збор за „типичен пример“ на криминал и корупција, тендери за задоволување на лични бизнис интереси и оштетување на Буџетот без рационално трошење на народните пари.
„Воедно, она што е дополнително скандалозно е разликата во цени која ‘Македонија пат’ ја има во договорот со цената во договорот на ЈПДП. ‘Македонија пат’ има склучено договор со друга фирма за 25 пати поевтини цени на услугата за косење на трева и дрва на патен појас од цената на ЈПДП чија вредност достигнува над 2 милиони евра. Или, ако ‘Македонија пат’ обезбедила фирма да го направи сечењето на дрвјата и косењето на тревата за 0,46 денари по м2, новата фирма од Кичево на тендерот на ЈПДП истата оваа услуга ја наплаќа 12 денари по м2. Односно, договорот на ‘Македонија пат’ кој е сѐ уште важечки изнесува милион евра за две години, а новиот договор на ЈПДП изнесува речиси 2,5 милиони евра или 1,5 милиони евра повеќе“, истакна пратеничката на ВРМО-ДПМНЕ.
Според неа тоа е вистината која се крие зад „празната флоскула“ на владејачките ДУИ и СДСМ за таканаречениот „европски фронт“.
„Ова е нивната мантра – да цвета криминалот, да ја ограбуваат Македонија, тие да се богатат, а народот да осиромашува. Кога во Македонија нема пари за учебници, кога нема пари за лекови, криминалот цвета, а СДС и ДУИ се кријат зад фразата европски фронт“, заклучи Митева.