Над два милиона раселени поради поплавите во Рогот на Африка

Повеќе од два милиона луѓе се раселени, а речиси 300 загинаа во обилните дождови и поплавите во земјите од Рогот на Африка, според податоците на владата и Обединетите нации.

По најтешката суша во последните 40 години, регионот со недели е погоден од обилни дождови и поплави коишто му се припишуваат на метеролошкиот феномен Ел Нињо.

Во Сомалија раселени се милион луѓе а стотина загинаа, во Етиопија 600.000 луѓе се раселени а бројот на жртвите е 57, додека во Кенија 460.000 луѓе се раселени и загинале 136 луѓе, според ОН.

„Ситуацијата е катастрофална. Регионите кои имаа потешкотии да се опорават од економските и еколошките последици од долгата суша сега се дополнително погодени од поплави“, се вели во соопштението на невладината организација Акција против гладта во средата, пред отворањето на Конференција за климата COP28.

Во Сомалија речиси 1,5 милиони деца на возраст под пет години ќе бидат неухранети од август 2023 до јули 2024 година, според ОН и сомалиската агенција за управување со катастрофи.

„Повторените метеоролошки шокови, општата несигурност и ендемската сиромаштија ги доведоа Сомалијците до точка на кршење“, рече претставникот на ОН Џорџ Конвеј.

На истокот на Сомалија, еден од најпогодените региони, се појави колера. Според меѓународната организација за заштита на децата „Save The Children“, потврдени се 772 случаи, а најмалку 23 лица починале.

Властите во Могадишу прогласија вонредна состојба на 12-ти ноември. Владата објави дека добила 25.000 тони жито од Русија, а уште толку очекуваат и во декември.

Рогот на Африка е еден од најранливите региони каде екстремните временски услови стануваат сѐ почести и поинтензивни, а некои тоа го припишуваат на климатските промени.

Покомплексниот метеоролошки феномен Ел Нињо, кој е поврзан со разликите на температурите, предизвикува суши во некои делови од светот и обилни дождови во други, се очекува да трае до април следната година. Од октомври 1997 година до јануари 1998 година, предизвика обилни дождови и поплави на истокот од Африка во кои загинаа повеќе од 6.000 луѓе во пет земји.