
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал по 14-ти пат во својата кариера го освои парискиот турнир на земја Роланд Гарос, откако во финалето за два часа и 20 минути го победи Норвежанецот Каспер Рууд со 6-3, 6-3, 6-0.
За Надал ова беше 14-то финале на парискиот Грен-слем и рекордна 14-та победа. Истовремено тоа за Шпанецот е рекордна 22-ра Грем-слем титула, две повеќе од Србинот Новак Ѓоковиќ и Швајцарецот Роџер Федерер. Федерер оваа година не настапи во Париз пореди повреда, додека Ѓоковиќ беше елиминиран во четвртфиналето токму од Надал.
Шпанецот стана и најстариот победник на Роланд Гарос во ткн „Опен ера“, а до титулата стаса со 36 години, соборувајќи го рекордот на сонародникот Андрес Химено кој во 1972 година го освои истиот турнир со 34 години.
Надал, исто така, првпат во својата кариера во иста сезона ги освои и Отвореното првенство на Австралија и Роланд Гарос.
Иако досега не играле еден против други, Шпанецот и Норвежанецот добро се познаваат, бидејќи Рууд од 2018 година тренира во академијата на Надал на Мајорка.
За 23-годишниот Норвежанец ова беше првото Грен-слем финале, а досега никогаш не минал подалеку од четвртокот коло на некој од четирите најголеми светски турнири.
Пред Рууд, последниот Скандинавец кој играл во финале на некој Грен-слем турнир беше Швеѓанецот Робин Содерлинг, исто така, на Ролан Гарос во 2010 година, но и него го запре Рафаел Надал.
Надал одлично влезе во финалето. Поведе со 2-0 со ран „брејк“, но Рууд веќе во третиот гем го врати загубениот сервис. Но неговата радост кусо траеше, зашто Надал направи нов „брејк“ за 3-1 и потоа мирно ја сочува предноста за 6-3 и 1-0 во сетови.
Норвежанецот подобро влезе во вториот сет. Во четвртиот гем направи „брејк“ за водство од 3-1, но тоа беше сѐ што стори во овој сет. Надал одговори со серија од 5-0 со два одземени сервиса за 6-3 и во вториот сет.
Во третиот сет играта на Рууд целосно се распадна. Надал протатне со 6-0.