
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал ќе му се врати на тенисот на првиот Грен слем турнир во сезоната на Австралија Опен во јануари, изјави во средата директорот на турнирот Крег Тајли.
Шпанецот нема играно од јануари годинава, кога го повреди колкот во второто коло на Австралија Опен во поразот од Мекензи Мекдоналд.
37-годишниот Надал, кој досега има освоено 22 грен слем титули, првично се очекуваше да биде надвор од терените осум недели, но тој имаше операција на мускулот на колкот во јуни.
И иако претставникот на Надал, Бенито Перез-Барбадиљо, изјави за Reutersс дека нема што да објави за претстојниот распоред на Надал, Тајли изјави за емисијата „The Today Show“ дека шпанскиот тенисер го потврдил своето учество.
„Овде можеме ексклузивно да откриеме дека Рафа ќе се врати. Тој беше надвор (од терените) поголемиот дел од годината и во разговорот со него последните неколку дена потврди дека се враќа, за што сме многу возбудени. Тоа е одлично, изјави Тајли.
Надал изјави дека планира да се пензионира по сезоната 2024 поради серијата повреди што му го ограничуваат настапот на трунирите. Тој испадна од топ 100 првпат по 20 години претходно сезонава и падна на 240. место во светот, но има право на заштитен пласман затоа што е повреден и не се натпреварувал најмалку шест месеци.
Тој, исто така, изрази желба да игра на Олимписките игри во Париз следната година на тенискиот турнир што ќе се одржи на Ролан Гарос, каде што освои 14 од неговите 22 големи титули.
Надал двапати го освои Австралија опен, а последната победа ја забележа во 2022 година кога го победи Русинот Данил Медведев.